Македонската одбојкарска репрезентација вечерва игра против Црна Гора за втор триумф на ЕП, што ќе значи и пласман во осминафинале.
Одбојкарите го почнаа ЕП, кое се одржува во Скопје, со триумф против Данска од 3-1 по што се зголеми оптимизмот и очекувањата кај навивачите, иако селекторот Јошко Миленкоски се обиде да ги смири страстите пред важниот натпревар кој се игра вечерва од 20 часот.
Миленкоски рече дека има припремено добра стратегија за дуелот против Црна Гора.
„Имаме добра стратегија, добро ги анализираме сите противници. Мислам дека сме многу искусни во тој дел, имаме добри аналитичари и не е спорно дека добро ќе го подготвиме натпреварот, останува само тоа да се реализира на терен. Играчите се навистина искусни, ова им е трето ЕП, интернационалци се, во најзрелите години, секој си ја знае својата задача. Во тој дел сме перфектни“, кажа Миленкоски.
Вечерва се очекува и огромна поддршка од трибините за македонските одбојкари, затоа што салата „Борис Трајковски“ е речиси распродадена.
Натпреварот меѓу Македонија и Црна Гора е закажан од 20 часот, со пренос на националниот сервис МТВ.