Maкедонската одбојкарска селекција имаше позитивен старт во групата А од Европската сребрена лига. Во Скопје беше совладана селекцијата на Босна и Херцеговина, па нашите одбојкари во Романија ќе атакуваат на нов успех и виза за седмо учество на завршниот турнир во континенталното натпреварување.
Против БиХ подмладената Македонија покажа сигурна игра и квалитет во клучните моменти, но секој натпревар е поинаква епизода, па Романците ќе бидат посериозен, веројатно вистински тест за нашиот целосен капацитет.
„Ме радува тоа што ја издржавме годинашната премиера иако знаевме дека се е во наши раце и дека двајца стандардни играчи со идентични работни обврски на теренот воопшто не се во составот и не можат да ни помогнат доколку има потреба за тоа. Можеби имаше мала нервоза, но тоа е во дозволени рамки, така што сега мислам дека ќе ни биде полесно од психолошки аспект без разлика што противникот е поквалитетен и игра на домашен терен“, вели примачот на македонската репрезентација Стојан Илиев.
За силата на Романците нема никаква дилема. Не е претерано ако се заклучи дека тие се главни фаворити во групата, особено што во првото коло ја совладаа Албанија во Тирана,
„Добро ги познавам сите романски репрезентативци. Треба да го запреме коректорот Матеј, како и офанзивниотпримач Ачобаницеи. Да го одржиме нашиот прием стабилен и мислам дека ќе можемеда играме рамноправно со нив“, изјави Филип Деспотовски, кој во романското првенство мина осум сезони, од коишто три во Галаци каде што беше капитен на екипата.
Натпреварот меѓу Романија и Македонија се игра денеска во Галаци, со почеток од 13:00 часот.