Одбојкарската репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз во второто коло од Европското првенство откако со 3:0 беше поразена од селекцијата на Холандија.
Холанѓаните го контролираа целиот натпревар и славеа убедлива победа со 25:20, 25:18 и 25:22 по сетови и сосема заслужено и очекувано стигна до бодовите од оваа средба.
Најдобар поединец во нашата репрезентација одново беше Никола Ѓорѓев кој постигна 13 поени, додека 11 постигна Александар Љафтов. Иако го загубивме мечот како светла точка може да се издвои дебито на средниот блокер Савовски. Во вториот сет 19 годишниот Филип Савовски влезе на местото на Маџунков и зад своето име запиша шест поени.
Во следното трето коло репрезентацијата на Македонија ќе се соочи со Турција на 5. септември, еден ден подоцна ќе игра со Шпанија, а групната фаза ја затвораме со натпреварот против Русија на 8. септември.