Македонската одбојкарска репрезентација со убедлив пораз од 0:3 (23:25, 23:25, 20:25) го започна настапот на Медитеранските Игри во Оран, Алжир. Во првото коло од групата „А“, нашите одбојкари немаа сили за изненадување против селекцијата на Египет, која покажа дека не случајно е дел од светскиот обојкарски врв.

Ние добро го отворивме мечот и успеавме да направиме предност од неколку поени, која ја одржувавме се до првата третина од сетот. Водевме со 9:6, но Египет се врати со серија од 3:0 и потоа натпреварот влезе во комплетна неизвесност. Египќаните првата предност ја имаа на 16:15, по што се играше егал до финишот, кога Египет стигна до прва сет-топка на 24:23, успеа да ја реализира и да поведе со 1:0.

Слична разврска имаше и во вториот сет, со таа разлика што во него Египет беше во континуирана предност. Ние успеавме да влеземе во нервозен финиш, кога Египет повторно ја искористи првата сет-топка и со идентични 25:23 успеа да дојде и до 2:0.

Египет подобро го почна и третиот сет. Успеа уште на стартот да направи разлика од неколку поени, која до средината веќе им донесе разлика од +4 (16:12). До самата завршница Египет успеа рутински да го приведе мечот до 25:20 за победа од 3:0.