Македонија е еден од четирите домаќини на следното Европско првенство во 2023 година (Италија, Бугарија и Израел) и на денешната ждрепка во Неапол беше во првиот шешир заедно со останатите три земји домаќини на првата фаза од првенството. Од вториот автоматски ја добивме Црна Гора, додека нашиот репрезентативец Филип Маџунков кој беше дел од денешната ждрепка, од најсилниот шешир ни ја донесе селекцијата на Полска, која е супер-фаворит во нашата група.
По неа ги добивме и Холандија, Чешка и Данска кои формираат една силна група во која ќе треба да вложиме многу напор и да се обидеме да избориме пласман во вториот круг. Црна Гора и Данска ќе бидат наша шанса за место во следната фаза од натпреварувањето.
Натпреварите во групата „Ц“ во Скопје ќе ги играме во СЦ „Борис Трајковски“ и ќе се обидеме да го направиме досега најдобриот резултат на европските шампионати во нашето трето последователно учество на завршницата на првенствата на Стариот континент.
Европското првенство ќе се одржи од 28 август до 16 септември следната година.