Англиските гиганти Манчестер Сити и Арсенал одиграа без победник (2-2) во дерби средбата од 5. коло во Премиер лигата.

Во дуелот на двете најдобри екипи во Англија во последниве неколку сезони, Арсенал беше на чекор од победа на „Итихад“, ама не го издржа завршниот налет на домаќините кои во 98 минута преку резервистот Стоунс се изборија за бод.

Почетокот на дуелот му припадна на Сити кој поведе преку Халанд, погоди статива преку Гундоган, но и се повреди Родри. Гостите од 22 до 45 минута се изборија за целосен пресврт преку Калафиори кој постигна извонреден гол од далечина и Габриел, но длабоко во судиското продолжение Тросар заработи втор жолт и му направи проблем на составот од северен Лондон.

„Топчиите“ играа со играч помалку, но добро се бранеа цело второ полувреме, оддолеваа на притисокот, но на крајот Сити сепак најде начин да го го совлада противничкиот голман Раја и да избегне пораз.