Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, имаше старт од соништата на кариерата во дресот на италијанскиот гигант Олимпија Милано. Со вечерашната победа по едно продолжение против Виртус Болоња (98-96) го освои трофејот во Суперкупот.
Нашиот плејмејкер беше еден од најзаслужните за успехот на „манекените“ со оглед што финалната пресметка од ова натпреварување ја заврши со 16 поени, пет скока и шест асистенции. Популарниот Нено воедно го доби и признанието за најкорисен кошаркар (МВП) на италијанскиот Суперкуп, по просечниот учинок од 15 поени, три скока и 3,5 асистенции.
Димитријевиќ летово го замени дресот на руски Уникс Казан со тој на Олимпија Милано и првпат во кариерата ќе настапи во најсилната Евролига.