Кошаркарите на Минесота Тимбервулвс направија брејк на гостувањето во Тексас кај Далас Маверикс (105-100) и така останаа во игра во финалната серија во Западната конференција која се игра до четири победи, а во моментов е 3-1 за маверикси.

Натпреварот го отвори Минесота подобро, во еден момент имаше и плус 14 поени, меѓутоа Далас Маверикс се врати во интересен дуел пред се на двете најголеми ѕвезди на двата тима, Лука Дончиќ и Ентони Едвардс.

 

Но сепак поуспешен од нив беше Едвардс, кој натпреварот го заврши со 29 поени, 10 скока и девет асистенции, а го следеше втората ѕвезда на „волците“ Таунс кој реализираше 25 поени. Кај Далас, Лука Дончиќ имаше „трипл-дабл“ од 28 поени, 14 скока и десет асистенции. Словенецот на овој дуел за разлика од претходниот немаше голема поддршка од Кајри Ирвинг кој застана на 14 поени.

Следниот натпревар од финалната серија на Западот се игра на 29 мај. Победникот ќе игра НБА-финале со Бостон Селтикс.