Двата тима се подготвени и мотивирани да ја зграпчат својата шанса, бидејќи никогаш во својата историја не победиле во престижното натпреварување.
Ајнтрахт го освои Купот на УЕФА во 1980 година, додека Глазгов Ренџерс го крена трофејот на турнирот КНК во 1972 година.
Влогот за двата тима е огромен, бидејќи победникот ќе добие право на учество во групите од Лигата на шампионите и пристап до поголем дел од европскиот колач што го дели УЕФА. Тоа значи за победникот се загарантирани 15 милиони евра.
Успехот би бил многу важен за германскиот тим, бидејќи на тимот не му оди најдобро во Бундес – лигата, откако заврши само на 11. место во германскиот шампионат и нема други шанси за излез во Европа освен да го освои трофејот вечерва.
Шкотите во исто време завршија втори во Шкотска и во најлош случај ќе играат во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите.
Во текот на сезоната во Лига Европа, Ајнтрахт Франкфурт имаше забележителен ефект, не загуби ниту еден натпревар. За многумина од играчите овој натпревар ќе биде еден од најважните во кариерата.
Во исто време, во Глазгов Ренџерс се уверени дека трофејот ќе пристигне во нивните клупски витрини. Шкотите веќе елиминираа две германски екипи на патот до финалето, Борусија Дортмунд и Лајпциг, и се надеваат на трет скапоцен германски скалп.
Тренерот на германскиот тим Оливер Гласнер нема проблеми со повредени играчи, но поради казни надвор од тимот се Диант Рамаи и Мартин Хинтегергер.
Проблеми со повреди има и неговиот колега на кормилото на Глазгов Ренџерс, Џовани Ван Бронкхорст, а главоболки му создаваат Јанис Хаџи, Филип Хеландер и Алфредо Морелос. Неизвесен е и настапот на Рајан Џек.