Екипата на Ливерпул без проблеми стигна до победа во рамките од петото коло против Борнмут (3-0).
Фудбалерите на Арне Слот ја завршија работата уште во првото полувреме во кое ги постигнаа сите три голови. Не започна добро натпреварот за Ливерпул и мрежата на Алисон се затресе по само четири минути игра, сепак тој гол беше поништен поради недозволена позиција.
Луис Дијаз во две минути постигна два гола во 26. и 28. минута за предност од 2:0. Само девет минути подоцна Дарвин Нуњез со еден прекрасен гол зголеми на 3:0.
Во второто полувреме Ливерпул имаше шанси и за поубедлива победа, но резултатот не се промени.
Три гола постигна и тимот на Тотенхем кој со 3:1 беше подобар од Брентфорд. Головите за домаќините ги постигнаа Соланке, Џонсон и Медисон. Единствениот гол за Брентфорд беше дело на Мбуемо.
Астон Вила со пресврт дојде до победа над Вулверхемптон со 3-1. Гостите поведоа со гол на Куња во првото полувреме. Астон Вила изедначи со гол на Воткинс во 73. минута, а во 88. минута Конста погоди за комплетен пресврт и водство на домаќините од 2-1, точка на мечот стави Дуран во судиското продолжение.
Со истиот резултат 3-1 и Фулам беше подобар од Њукасл, додека средбата Саутемптон со Ипсвич заврши без победник 1-1.