Деновиве во Дубаи се води борбата за титулата светски шампион во шах, а бранителот на титулата Норвежанецот Магнус Карлсен за ривал го има рускиот претставник Јан Непомниш.

Двајцата се врсници, имаат 31 година, но Карлсен и е многу попознат на пошироката светска јавност со оглед на тоа дека уште многу мал се најде во самиот врв.

Со светскиот шах владее од 2013 година, по победата над легендарниот Индиец Вишванатан Ананд. Три години подоцна ја одбрани титулата со победа над Русинот Сергеј Карјакин, а во 2018 година беше подобар од американскиот репрезентативец Фабио Каруана, а јасно е дека и овојпат е во улога на фаворит.

Сепак, Јан Непомниши или „Непо“ како што многумина го нарекуваат, засега добро се држи, моменталниот резултат е 2,5: 2,5.

До средината на декември ќе се одиграат 14 натпревари, а доколку резултатот биде нерешен, победникот ќе се решава во „тај-брејк“, според брзиот систем.

И додека многумина го избегнуваат „тај-брејкот“, Карлсен покажа дека му нема рамен кога се во прашање брзите игри, а токму во тај-брејкот пред три години го совлада Каруана, ги доби сите три гема.

Инаку, светскиот шампион овојпат ќе заработи 1,65 милиони долари, а поразениот 1,1 милион.

https://twitter.com/i/status/1466188480367796227