Актуелниот шрвак во НБА Лига, Денвер Нагетс поведе со 3-2 во полуфиналната серија од Западната конференција против Минесота откако триумфираше во петтиот меч со 112-97.
Бранителот на титулата славеше благодарение на фантастичниот Никола Јокиќ кој одигра натпревар за историја. Српскиот ас пред натпреварот го доби признанието за МВП на сезоната, а потоа покажа дека со право му е доделена наградата бидејќи постигна 40 поени, 13 асистенции и 7 скока, без ниедна загубена топка и со шут од игра 15/22.
Гостите беа во игра до почетокот на третата четвртина во која дури имаа и минимална предност, но потоа Денвер се оддалечи на +13 (76-63), а во последниот квартал разликата не се симна на едноцифрена вредност.
Српскиот центар Јокиќ беше далеку најдобар играч на натпреварот, зад него останаа Гордон со 18 поени и 10 скока и Мареј со 16 поени. Кај Минесота, Таунс беше најдобар стрелец со 23 поени, а потфрли Едвардс кој остана на само 18 поени со шут од игра 5/15.
Со 3-2 сега води и Њујорк кој на домашен терен ја победи Индијана со 121-91 во серијата во која нема ниеден брејк. Блескаше Џејлен Брансон кој постигна 44 поени, додека Сијакам со 22 беше најефикасен во тимот на Индијана.