Јуниорската репрезентација на Македонија У18 обезбеди пласман во финалето од Европското првенство Б-дивизија во Скопје и утре против Полска или Австрија ќе се бори за златниот медал на ова натпреварување.
Нашите млади кошаркари се пласираа и во А-дивизијата каде ќе играат идната година. Во полуфиналниот меч, јуниорската репрезентација на Македонија буквално ја демолира Бугарија со 92-68 и ќе се обиде да стане прва наша селекција со злато на какво било натпреварување на ФИБА.
Македонија повторно одигра како во транс и во ниеден момент не дозволи победата да биде доведена во прашање. Бугарите само еднаш беа во водство и тоа со 4-2, се останато одеше на страната на нашиот тим. На крајот од првата четвртина беше 26-20, а на стартот од вториот квартал и 33-22 за на голем одмор да заминеме со 53-38. Бугарите се обидооа да се вратат во игра во третата четвртина, се доближија на седум поени негатива (62-69), но последниот период Македонија го почна со неверојатни 20-0 за водство од 89-62 и убедлив триумф за пласман во финалето.
Марко Луканоски беше најдобар играч кај Македонија со 20 поени и дури 16 скока, пред Атанасиј Трајанов и Никола Јаничиќ со по 17 поени, со тоа што Трајанов имаше и 11 скока. Двоцифрен ефект имаше и Лука Марјановиќ со 12 поени. Кај Бугарите, Теодор Трифонов постигна 20 поени.
На патот до финалето, покрај Португалија и Бугарија во нокаут-фазата, Македонија триумфираше и над Ирска, Босна и Херцеговина, Чешка, Кипар и Украина во групната фаза. Во мечот за европската титула во Б-дивизијата, нашите кошаркари ќе играат со Полска или Австрија.
Финалето на ЕП Б-дивизија е закажано во недела во СЦ „Борис Трајковски“ од 21:00 часот.