Македонскиот прволигаш Брера Струмица се пофали со трансфер на Димитар Трајков во ФК Полисја од Житомир, Украина, се работи за соборување на клупскиот рекорд кога е во прашање продажбата на играчи.
Од Брера не соопштија за која сума станува збор, само потенцираа дека се работи за најголемиот трансфер во историјата на клубот.
„Димитар Трајков ќе стане нов играч на ФК ,,Полисја“ од Житомир Украинa, откако успешно ги заврши медицинските прегледи и го потпиша преддоговорот со новиот клуб. Трајков во редовите на ,,Полисја“ ќе премине за рекордно обештетување во историјата на некогашна Академија Пандев, денес Брера Струмица. Младиот напаѓач после направените прегледи во Украина и ставениот потпис на преддоговорот, се враќа во Струмица за да се поздрави со своите колеги и соиграчи и на 1 јули ќе се придружи на новата екипа во Украина на подготовките за новата сезона“, се вели во соопштението на Брера.
Трајков вели дека е среќен поради трансферот и се заблагодари на Горан Пандев и луѓето од Брера.
„Среќен сум што станувам нов играч на „Полисја“. Во овие три дена се уверив дека овој клуб е вистинскиот за продолжување на мојата кариера и дека овде сериозно ќе сметаат на мене во иднина. Но сепак, се зависи лично од мене. Јас сум подготовен да работам многу повеќе и да го дадам максимумот за новиот клуб. Благодарен сум на Горан Пандев и сите луѓе од ФК Брера Струмица за убавите поминати години во Струмица“, вели Трајков.