Реал Мадрид ја оствари 29. победа во Ла Лига оваа сезона откако катастрофално го порази Алавес со 5-0 на „Сантијаго Бернабеу“. Иако Реал ја освои и прослави титулата, сепак го чуваат победничкиот дух за финалето на ЛШ.
Џуд Белингам во десеттата минута донесе водство, веројатно сакаше да нафрли, но топката заврши во мрежата на гостите. Винисиус Жуниор зголеми на 2-0, а третиот гол беше дело на Феде Валверде во последните мигови од првото полувреме.
Винисиус Жуниор постигна и втор гол на овој натпревар, а серијата голови ја затвори турскиот талент Арда Ѓулер во 81.минута од мечот.
Кралскиот клуб на „Сантијаго Бернабеу“ ја презентира 36-тата титула во Примера која ја освои пред две кола. Навивачите ги поздравија фудбалерите и стручниот штаб со аплауз, а за тоа добија одлична партија против ривалот кој на овој меч настапи без мотиви.
Во следното 37. коло од Примера, Реал Мадрид ќе гостува кај Виљареал. Алавес го чека домашен натпревар со Хетафе.
Џирона ги намали своите шанси за второто место по домашниот пораз од Виљареал со 0-1, а Осасуна и Мајорка играа нерешено (1-1).