Манчестер Сити победи во последниот тежок натпревар, го совлада Тотенхем и в недела на домашен терен може да ја прослави четвртата титула во низа, а десетта во историјата на клубот.
Актуелниот англиски шампион славеше на гости во Лондон со 2-0 и изби на челната позиција на табелата, со два бода повеќе од Арсенал со кого водеше жестока борба цела сезона. Двата гола беа постигнати во второто полувреме, а ги реализира Ерлинг Халанд, првиот во 51. минута, а вториот во судиското продолжение, но херој на навивачите на Сити е едно неочекувано име.
Станува збор за резервниот голман Стефан Ортега кој случајно доби шанса да брани на овој натпревар бидејќи на средина од второто полувреме се повреди Едерсон по еден силен судир со противнички фудбалер. Бразилецот не можеше да продолжи и во солзи го напушти теренот, а никој веројатно не ни помислуваше дека тоа ќе биде историски момент. Ортега достојно го замени, па дури и повеќе од тоа бидејќи во финишот одбрани три неверојатни шанси на Тотенхем, два зицери на Кулушевски и еден на Сон во 87. минута. Кореецот излезе сам пред противничкиот голман, можеше да бира каде да шутира, но Ортега се испружи, го оцени ударот и атрактивно одбрани, не дозволувајќи во тие моменти домаќинот да израмни. Неколку минути подоцна дојде пеналот од кој Халанд го постави конечниот резултат.
Во последното коло Сити сам си ја крои судбината бидејќи на домашен терен игра со Вест Хем. Арсенал ќе очекува кикс на својот ривал, а на Емирејтс ќе го пречека Евертон.