Кошаркарите на Србија ја совладаа Грција во белградска „Штарк Арена“ со 94-72, во последниот пријателски натпревар пред Олимписките игри.
Избраниците на Светислав Пешиќ подготвителниот период го завршија со три победи и два порази, а првиот меч во Париз го играат в недела од 17:15 часот против Соединетите Американски Држави.
Против Грција, Србија водеше од почеток до крај и релативно рутински славеше на генералната проба пред олимпискиот турнир. Најефикасен беше Богдан Богдановиќ со 19 поени и четири скока. Одличен беше и Никола Јокиќ со 16 поени, осум скока и шест асистенции.
Кај Грција најдобар беше Јанис Адетокумбо со 17 поени, шест скока и четири асистенции, а Костас Папаниколау додаде десет поени. Грција првиот натпревар на Олимписките игри го игра в сабота против селекцијата на Канада.