Репрезентациите на Кина и на САД ќе се борат за злато на 19. издание на Светското првенство за жени, кое се одржува во Австралија.

Домашната селекција не успеа да се избори за совршено сценарио, да игра финале на домашен терен, бидејќи беше совладана од Кина во супер возбудлива завршница. Последната четвртина почна со 47-43 за Кина, но Австралијките направија пресврт во втората половина од периодот и го чуваа минималното водство до последна минута.

Имаа 59-57 и напад на 50-тина секунди до крајот, кога Сију Ванг украде топка и овозможи израмнување, а истата кошаркарка имаше мирна рака и реализира слободни фрлања на три секунди до крајот за конечни 61-59 за Кина. Таа го заврши мечот со 14 поени, а Хан и Јанг беа поефикасни од неа со 19, односно со 18 поени. Австралија ја предводеше Саманта Виткомб со 15 коша.

Претходно, Американките доминираа со победа над Канада со 83-43, обезбедувајќи 12. финале, четврто едноподруго. Меѓу индивидуалките се истакнаа Стјуарт со 17 поени и Вилсон со 15, плус 12 скока.

САД има 10 злата од Светските првенства и само еден пораз во финале, во 1984 од Советскиот сојуз. Кина, од друга страна само еднаш играла финале и уште нема најсјаен трофеј. Во 1994 година загуби од Бразил. Финалето е закажано за утре во 16 часот по централно-европско време.