Американците влегоа во европскиот фудбал, најмногу во англиската Премиерлига, па новиот газда на Челзи веќе истакна идеја да се игра ол-стар меч на сите ѕвезди во најатрактивната лига на светот, ама „Тајмс“ сега оди подалеку најавувајќи дека во блиска иднина можен е меч на сите ѕвезди во Европа – Премиерлигата против остатокот од Стариот континент.
Според угледниот британски весник, кој секојпат има релевантни извори, посочува дека веќе се размислува во фудбалските кругови за ваков спектакл кој ќе донесе многу пари, пред сѐ од спонзори и ТВ-права, а мечот би се играл после завршувањето на сезоните во европските лиги, пред сѐ во „лига петка“.
„Плановите за ол-стар меч повторно заживуваат и стануваат актуелни. Најдобрите 11 од Премиерлигата против најдобрите од Бундеслигата, Ла Лига и остатокот од врвните лиги“, најавува „Тајмс“.
Тод Боели, првиот човек на Челзи уште после преземањето на лондончани, зачудено запраша зашто нема ол-стар во фудбалот како по примерот на американските спортови, но неговата идеја беше само во Премиерлигата, како пресметка на северот со југот.
„Зашто нема ол-стар? Се надевам Премиерлигата ќе научи од американските спортови и ќе размисли за ваква опција. Луѓето зборуваат за пари и да во таков меч има многу пари. МЛБ од понеделник до вторник заработува по 200 милиони долари, НФЛ далеку повеќе. Јас верувам дека може да се организира таков меч, на пример север против југ“, рече Боели.