Новиот светски шампион во Формула 1, Макс Верстапен му се заблагодари на мексиканскиот возач и тимски колега Серхио Перез со скап подарок за важната улога што ја одигра во освојувањето на титулата.
Светскиот шампионат во Формула 1 беше еден од највозбудливите во историјата, а сето тоа кулминираше со спектакл на патеката Јас Марина (Абу Даби), кога Верстапен стигна до шампионската титула во последниот круг.
Во последната трка Перез одигра многу важна улога и на некој начин му помогна на Верстапен да дојде до титулата. Се памети дека Мексиканецот со маестрално возење го држеше Хамилтон на истрошени гуми и му овозможи на Верстапен да ја намали разликата од осум секунди во однос на Британецот во само еден круг.
Во знак на благодарност, Верстапен му ја подари својата Honda NSX проценета на 150.000 евра. Спектакуларен спортски автомобил кој несомнено ќе го воодушеви Мексиканецот.
Верстапен на тој начин ја прекина доминацијата на Луис Хамилтон од четири последователни титули и го спречи Британецот оваа година да стане најуспешниот Формула 1 возач во историјата.