Возачите на Ред Бул, Макс Ферстапен и Серхио Перез, немаа посебно добар настап на вчерашната трка за Големата награда за Бразил, откако завршија на шесто односно седмо место, но реакцијата на веќе новиот шампион кога на крајот одби да му препушти позиција на клупскиот колега донесе голема контроверза во формула 1-круговите.
Перез е во битка за втората позиција во генерален пласман со Шарл Леклер во која секој бод му е злато вреден, па ако добиеше дозвола да го мине Макс на крајот ќе имаше два бода повеќе во пресрет на финишот од сезоната. Од тимот на Ред Бул побараа Ферстапен да го пропушти Перез да стигне до шестото место за да освои плус поени, но сите беа изненадени од одлуката на актуелниот првак.
„Уште минатото лето ви реков тоа веќе да не го барате од мене. Дали ви е јасно? Дадов свои причини за тоа и стојам зад нив“, рече Ферстапен преку тимското радио одбивајќи да ја послуша тимската наредба.
Перез, кој во изминативе две сезони многупати му помагаше на Ферстапен да стигне до повеќе поени и има голема заслуга за неговите две шампионски титули, беше видно разочаран.
„По ѓаволите. Ви благодарам момци. Ви благодарам. Тој го покажа своето вистинско лице“, разочарано рече Перез кога слушна дека Ферстапен нема да го пропушти.
Холандскиот новинар, Ерик ван Харен, потврди дека проблемот меѓу колегите почнал на крајот на мај во Монте Карло, кога Перез наводно намерно се судрил во квалификациите, за да не може Ферстапен да се бори за пол-позицијата. Холанѓанецот иако доминантно ја одбрани шампионската титула не заборави што направи Перез во Монте Карло и сега дочека да се одмазди.
„Сè ставивме на маса. Имам свои причини и нема да ги кажам, но мислам дека луѓето во тимот ќе разберат. Ги објаснив претходно, така што ова не е ништо ново за мене, ниту за нив. Мислам дека сега е важно како тим, да останеме заедно и да продолжиме во тој правец. Одиме во Абу Даби, сакаме да победиме и ако има можност да му помогнам, ќе му помогнам“, изјави Холанѓанецот.
Наредната недела во Абу Даби ќе заврши сезоната во Формула 1. Перез и Леклер сега се на делба на второто место со по 290 поени.