Европскиот и шпански првак Реал Мадрид после Светското првенство во Катар кое стартува во недела ќе им понуди нови договори на своите два клучни фудбалери во средниот ред, Лука Модриќ и Тони Крос, без оглед што ангажира двајца млади големи таленти (Камавинга и Чуамени) и планира да го донесе и Џад Белингем од Борусија Дортмунд.
Оваа информација ја објави еден од најпознатите весници во Шпанија, „АБЦ“ повикувајќи се на извори во клубот, кој буквално сака до пензија да го задржи двоецот што донесе четири европски титули во последните шест години.
Модриќ идната година ќе наполни 38 години, а Крос во јануари ќе наполни 33, па според традицијата на „кралевите“, продолжувањето на соработката е од година во година, зашто мадриѓаните не даваат подолгорочни договори на фудбалери над 30 години.
Модриќ веќе една деценија е дел од Реал и досега има 454 меча, додека Крос дојде во Мадрид после СП во Бразил во 2014 година. И двајцата во последниов период објавија дека посакуваат кариерите да ги завршат во белиот дрес.