Одбојкарската репрезентација на Македонија одигра одличен натпревар и со победа без загубен сет над Босна и Херцеговина ги заврши настапите во групната фаза од Сребрената европска лига.
Балканската пресметка заврши со 3-0 за „спартанците“ (25-21, 25-21, 25-20). Босанците одиграа добро, во трите сета дојдоа до границата од дваесет поени, меѓутоа искуството на нашиот национален тим пресуди во финишот.
Најдобар стрелец на натпреварот беше Никола Ѓорѓиев со 22 постигнати поени, додека кај БиХ, се истакнаа Асмир Хукичевиќ и Ади Османовиќ со по 12, односно 11 поени. Македонија го имаше најдобриот блокер на мечот, тоа беше Филип Савовски со четири блока, пред Филип Маџунков и Филип Деспотовски со по два блока.
Одбојкарите на Македонија сега чекаат помош од Романија. Своето си го завршија во битката за Ф4-турнирот, а за да се најдат во Будимпешта, ќе мора Романците да ги победат Албанците со резултат 3-0 или 3-1.
Натпреварот меѓу Романија и Албанија се игра утре (недела) од 16:00 часот. Финска и Унгарија се веќе учесници на Ф4-турниот во Сребрената европска лига, од нашата група сигурна е Романија, дилема е дали последниот член на завршницата ќе биде Албанија или Македонија.