Англиски „Телеграф“ ексклузивно најавува дека Реал Мардид имал намера повторно да тргне во акција по напаѓачот на ПСЖ, за да го комплетира својот нов „Галактикос“, имајќи предвид дека веќе во завршна фаза се преговорите за купување на Џуд Белингам од Борусија Дортмунд.
„Телеграф“ тврди дека Реал имал стратегија да го убеди Мбапе, овој пат да дојде на „Сантјаго Бернабеу“, за разлика од минатогодишните преговори кои беа неуспешни.
Лани Реал беше на добар пат да го придобие 24-годишниот напаѓач, нудејќи за него 215 милиони евра, но тој потпиша нов договор со ПСЖ. Меѓутоа, ниту тој чин, ниту платата од 100 милиони евра по сезона не ставија крај на незадоволството на Мбапе на „Паркот на принцовите“, па и во новата сезона имаше бранувања на релација меѓу него и клубот.
Неодамна, ПСЖ рекламираше сезонски билети за 2024-25 користејќи го ликот на Килијан Мбапе, а тој реагираше преку соопштение дека „не го поддржува тоа видео“ и дека било објавено без негова дозвола. Сето ова ја освежи меморијата дека, всушност, новиот договор кој го потпиша напаѓачот лани, иако трае до 2025 година, сепак има клаузула која вели дека Мбапе има право и да не прифати да ја одработи втората сезона.
Тука лежи и надежта на челниците на Реал дека одново можат да ги заживеат преговорите со Французинот, кога веќе биле подготвени да потрошат рекордни пари на засилувања ова лето. Секако, во најголем дел тие би биле за Џуд Белингам и за Мбапе, но двајцата заедно можно е да чинат и околу 300 милиони евра.
Реал се договори со Белингам за личните услови минатата недела, информираа шпанските медиуми, а до крајот на месецов имал закажано термин за преговори со Борусија околу висината на отштетата, за која се шпекулира дека може да биде околу 120 милиони евра. Целта е формирање на модерна верзија на „Галактикос“ – скапиот тим од почетокот на 2000-тите, со Роналдо, Зидан, Бекам, Фиго… – тим кој ќе му носи успеси на Реал, барем, во претстојната деценија.