Јувентус се надева дека доколку го освои трофејот во Лига Европа, ќе се пласира во Лигата на шампионите следната сезона, но како претпоследна пречка стои, најтрофејниот тим во ЛЕ, Севилја.
„Старата дама“ стави крај на лошата форма во последно време со победата од 2-0 над Аталанта. Тимот на Алегри имаше неколку бледи натпревари во Лига Европа оваа сезона, но сѐ уште е непоразен.
Севилја исто така има несигурна сезона, иако Андалузијците ги стабилизираа своите резултати по доаѓањето на Хозе Луис Мендилибар на клупата, со само еден пораз во последните пет натпревари. 62-годишниот стручњак дебитираше во Лига Европа во пресметките со Манчестер Јунајтед во четвртфиналето, кога Севилја постигна голем успех, за кој дури и Мендилибар рече дека е „изненадувачки“. Тренерот го опиша Јуве како „посилен“ и поголем предизвик од Англичаните.
Во другиот полуфинален дуел од Лига Европа, Рома ќе се соочи со Баер Леверкузен. „Волчицата“ која минатата година триумфираше во Конференциската лига на УЕФА, сега е насочена кон понатамошен успех во Европа под водство на Жозе Мурињо. За Рома ова е и најдиректниот пат до учество во европските натпреварувања следната сезона.
Баер Леверкузен исто така сака да стигне до своето прво европско финале по 2002 година, кога загуби од Реал Мадрид во битката за трофејот во Лигата на шампионите. Тренерот на тимот Чаби Алонсо ги повика своите играчи да го направат месец мај „незаборавен“.
Вечерва од 21 часот се играат и првите полуфинални натпревари на Конференциската лига. Две од екипите влегуваат како сериозни фаворити за пласман во финалето кое ќе се игра на 7 јуни на „Фортуна Арена“ во Прага. Тоа се англискиот Вест Хем и италијанската Фиорентина. Противници ќе им бидат холандски АЗ Алкмар и швајцарски Базел.