Манчестер Сити со неверојатен пресврт во дербито со Тотенхем експресно им се вратија на победите во Премиер лига. На „Итихад“ гостите од Лондон имаа 0-2 на полувреме, но шампионот со блескаво второ полувреме со четири гола стигна до голема победа.
Пеп Гвардиола со шест замени во својот тим во однос на оној со Манчестер Јунајтед. После три месеци првпат стартуваше со Алварез и Халанд во нападот, кои со голови на стартот од вториот дел најавија пресврт на Сити, кој подоцна го потврди Ријад Марез.
На стартот Манчестер Сити беше за нијанса поопасен, но без посериозна шанса. Во самиот финиш на полувреме, гостите од Лондон за само три минути постигнаа два гола и на пауза заминаа со огромни 0-2. Мрежата на Едерсон прв ја затресе Кулушевски, додека во втората минута од надополнувањето Емерсон погоди за нов шок за шампионот.
Голгетерскиот тандем Халанд-Алварез проработи во вистински момент. Алварез во 51. минута намали на 1-2, а Халанд по асистенција на Марез со глава израмни на 2-2. Тотенхем уште не беше освестен од шокот, кога Ријад Марез по одлична соло-акција и прецизен удар го изненади Лорис и донесе огромна радост на трибините. Алжирецот својата брилијантна партија ја потврди со уште еден гол, за конечни 4-2 и голем триумф на Сити.