Актуелниот европски и шпански шампион Реал беше во нокдаун, но големиот стратег Анчелоти извади адути за страшен пресврт и четвртфинале. Реал Мадрид со страшен пресврт во второто полувреме успеа да дојде до победа со 3-2 на гостувањето кај Вилјареал, и обезбеди четвртфинале во Копа дел Реј. Па сега може да заборави на неделниот болен пораз во „ел класико“ од Барселона со загубениот шпански Суперкуп.
Мадриѓаните кои во првенството киксираа кај Вилјареал со пораз со 1-2, денеска повторно беа на раб на бездната. „Жолтата подморница“ дојде до огромни 2-0 преку Етиен Капуе во четвртата минута и Самуел Чуквуезе три минути пред паузата, но „кралевите“ не се предадоа, а повторно Карло Анчелоти „извади од ракав“ скриени адути за да дојде до голем пресврт.
Во 56-та минута ги внесе Дани Себалјос и Марко Асенсио на местото на Тони Крос и Родриго, па минута потоа Винисиус Жуниор даде гол за враќање во живот на асистенција на Себалјос, а Едер Милитао израмни во 69-та. Двоецот кој ја врати енергијата во финишот искреира победа. Асенсио асистираше на Себалјос кој постигна гол на четири минути пред крајот и Реал стигна до победа.
Реал со ова им се придружи на Севилја, Реал Сосиедад, Атлетико Мадрид, Барселона, Осасуна, Валенсија и Атлетик Билбао во четвртфиналето на Копа дел Реј.