Италијанскиот репрезентативец Федерико Кијеза, 17 минути откако влезе во игра во вториот дел, даде гол за победа на Јувентус против Монца со 2-1 и пласман на „старата дама“ во четвртфинале на Купот на Италија.
Јувентус кој го одигра мечот со резервен тим и без најголем дел од своите ѕвезди уште по осум минути дојде во предност со гол на Моис Кин, но Матија Валоти во 24-та израмни и после еден час игра, Масимилијано Алегри почна да ги става многу подобрите и поискусни играчи во составот, па Кјеза влезе во 61-та, а во 78-та даде гол за победа.
Јувентус во четвртфиналето ќе се соочи со Лацио, кој денеска со 1-0 ја победи Болоња, додека Аталанта со 5-2 славеше против Специја и закажа четвртфинална пресметка со Интер.
Во другите две четвртфиналиња ќе играат Рома против Кремонезе односно Фиорентина со Торино.