Судската пресуда за фудбалскиот судија Срѓан Обрадовиќ ја потврди и Апелацискиот суд во Нови Сад. Тој беше осуден на 15 месеци затвор, а беше исфрлен од фудбалот и во следните 10 години нема да може да има никаква функција во овој спорт.
Тој даде изјава за Информер и рече дека ништо не направил намерно и дека живеел низ пекол во последните три години. Потенцира и дека повторно би го досудил пеналот за кој е осуден а се случи на мечот Спартак Суботица – Раднички Ниш (2:0).
– Знам дека не сум виновен, бидејќи не направив ништо намерно. Еве, оттогаш поминаа повеќе од три години и јас живеев низ пеколот, но да го вратам времето и да ја видам таа ситуација како тогаш, повторно би досудил пенал! Одлуката ја донесов врз основа на моето лично судиско уверение. Не е ни прв ни последен пат арбитер да згреши. Толку пати се случило некој тим да биде оштетен за пенал затоа што судијата не го видел во тој момент. Или дека некој е осуден, а не требало. Ова е веројатно единствениот случај во светот каде што судијата е осуден на затворска казна за грешка на фудбалски натпревар – вели Обрадовиќ.
Обрадовиќ, за кој сега може да се каже дека е поранешен фудбалски судија, најави дека ќе преземе се што треба ова да не заврши вака.
– Бев во шок кога ме приведоа два дена по натпреварот. Не можев да верувам што се случува. Ме тргнаа од списокот на судии, но ме вратија една година подоцна. Се надевав дека ова е крајот на маките и дека целиот хаос е зад мене. Кога ме осудија на 10 години надвор од фудбалот и 15 месеци затвор, бев шокиран. Моето семејство помина низ многу тежок период. Ќе продолжам да се борам бидејќи вака не може да оди – изјави Срѓан Обрадовиќ.
Да се потсетиме на пеналот што го свирна и за кој беше осуден и исфрлен од фудбалот…