Реал Мадрид е последниот патник на фајнлфорот во Евролигата, кој ќе се игра во Каунас (Литванија) после вечерашната победа во мајсторката на домашен терен против белградски Партизан со 98-94 и тоа откако имаа минус 18 на стартот од третата четвртина. Но, „кралевите“ со извонредна последна четвртина ги прегазија белграѓани и го крунисаа комплетниот пресврт во серијата после стартните 0-2 на домашен терен за вкупни 3-2.
Партизан одигра страшна втора четвртина, буквално ги газеше „кралевите“, набилда до полувреме плус 16, откако втората четвртина ја доби со 33-17, а во 22-та минута дојдоа и до највисоките плус 18 (59-41), но мадриѓаните во третиот период успеаа да ја преполоват таа предност, а потоа да направат страшен пресврт.
Пет минути до крајот, мечот дојде до егал 81-81, а Партизан последен пат поведе со 83-81 и потоа на сцена стапи Серхио Љуљ со пет поени во серија, партизановци почнаа да грешат и на нешто повеќе од минута Реал дојде до највисоките плус девет (97-88).
Но, Партизан не се предаде, на 40-на секунди се врати на една тројка (94-97), па доби шанса и за израмнување на 24 секунди после загубена топка на Ханга, но Кевин Пантер го промаши можеби клучниот шут по што Марио Хезоња даде едно слободно, а Данте Ексум промаши уште еден шут за три за да заврши мечот со победа на мадридските бели.
Серхио Љуљ и Серхио Родригез заедно дадоа 21 поен во второто полувреме како клучни за пресвртот и победата. Муса заврши со 20 поени, Родригез со 19, Хезоња со 13, а Таварес со 12 поени. Пантер беше брилјантен со 28 поени кај Партизан, Ексум додаде 16, а Лесор – 13.