Кошаркарите на белградски Партизан не го издржаа притисокот и претрпеа пораз од Реал Мадрид во „мајсторката“ во Евролигата која го одлучуваше патникот на завршниот турнир во Каунас Литванија.
Поради сите овие случувања големо беше разочарувањето во таборот на Партизан, а еден од играчите кој најотворено зборуваше беше репрезентативецот на Австралија, Данте Егзум.
-Многу сме разочарани, заслуживме да продолжиме понатаму, сите тоа го знаат. Многу се промени кога бев фрлен на паркетот во тој меч, дефинитивно. Тие суспендираа двајца наши играчи, јас играв повреден на сите овие натпревари. Што друго да кажам.
-Ова е смешно, тие го контролираа целиот наратив на оваа серија, какви приказни излегоа во медиумите, сите се извинуваа … Мене Јабуселе не ми се извини. Тоа покажува какви се, каква била ситуацијата на паркетот. Ќе ја држиме главата високо, ќе се фокусираме на АБА лигата, -истакна Егзум кој верува дека Реал требал да заработи поголеми казни за тепачката во вториот меч.
-Сите беа шокирани со тоа што Јабуселе беше казнет со само пет натпревари, како да сме во кечери, а не во кошарка. Што да кажам … не би се сменило многу и да пробаше да се извини, но тоа не е ништо. Тие работеа низ медиумите, Евролигата тоа го проголта и даде благи казни. Суспензиите на Пантер и Лесор дефинитивно ја свртеа серијата. Пантер се обиде да ме одбрани од некој што ме нападна и ме удри од зад грб и тој некој добива еден натпревар суспензија, а Кевин два, иако ме бранеше. Ова е смешно, тие точно знаеја што прават. Го имавме овој меч, моравме да го добиеме, но дефинитивно моментумот на серијата се смени по вториот меч, -порача Данте.