Фудбалерите на Кристал Палас го одиграа најдоброто полувреме во сезоната и по херојската победа над Ливерпул во претходното коло, освоија нови значајни три бода. Момците на Глеснер блеснаа пред својата публика и со 5-2 (4-1) го совладаа составот на Вест Хем.
„Чеканите“ уморни и разочарани од елиминацијата од Баер Леверкузен во четвртфиналето во Лигата на Европа, катастрофално го започнаа денешното соочување со градскиот ривал и по само 20 минути игра имаа негатива од три гола.
Резултатот го отвори Олисе, фудбалер кој најверојатно ја игра последната сезона за Палас, бидејќи за него постои голем интерес од неколку гиганти, а девет минути подоцна на 0-2 зголеми Езе. Агонијата на гостите ја продолжи Емерсон со автогол за 0-3, а по половина час игра на 0-4 зголеми Матета. Во самиот финиш од полувремето Антонио намали на 1-4. Во вториот дел Матета одново ја израдува домашната публика, додека конечните 5-2 ги постави Мичел со автогол во самиот финиш.
Возбудливо беше и во Бирмингем, каде Астон Вила по пресврт славеше над Борнмут со 3-1. Тимот кој се пласира по изведување на пенали во полуфиналето од КЛ, успеа да се издигне по голот на Соланке и со головите на Роџерс, Диаби и Бејли се избори за значајни три бода во трката за ЛШ.
Астон вила е на четвртата позиција со 66 бодови, односно шест повеќе од Тотенхем кој има одиграно два меча помалку.