Португалската звезда Кристијано Роналдо веќе некое време настапува во Саудиска Арабија каде е дел од составот на Ал Наср кој вчера претрпе убедлив пораз, „петарда“ од Селта Виго (5-0) во подготвителен натпревар за новата сезона.

И покрај ваквиот резултат Португалецот беше задоволен од екипата и тоа што го прикажа во еден дел од натпреварот.

-Првото полувреме беше добро, доминиравме. Судијата го расипа мечот во вториот дел. Знам кои се правилата, но сепак ова е подготвителен натпревар, -рече Кристијано кој потоа испрати пораки во негов стил, а едната од нив е дека не планира да се враќа на стариот континент.

-Европа? Таа врата е затворена. Веќе имам 38 и пол години. Според мене, европскиот фудбал изгуби многу на квалитет. Го спасува само Премиер лигата, која е далеку над останатите. Мојата Португалија има добра лига, но не е на врвно ниво. Шпанската лига е се полоша… Сигурен сум дека нема да се вратам во европскиот фудбал, рече напаѓачот кој меѓу редови го пецна Лионел Меси за неговиот избор, преселбата во САД.

-Не одам ниту во МЛС. Лигата во Саудиска Арабија е посилна од американската МЛС лига. Јас сум тој што ја отвори Пандорината кутија во Саудиска Арабија и сега сите сакаат да одат таму. Потсетете се дека италијанската лига беше мртва, а потоа потпишав за Јувентус и ја оживеав. Знам дека истото ќе се случи и во Арабија и дека следната година ќе дојдат уште повеќе добри играчи, -порача ветеранот.