Жул Кунде беше претставен како играч на Барселона, но во изминатиот период работеше индивидуално во тренинг комплексот на каталонскиот гигант додека останатиот дел од тимот беше на летна турнеја.
Токму вчерашниот тренинг беше прв за него со новите соиграчи, а тоа му донесе една интересна средба со човекот со кој беше и голем непријател на теренот од деновите во Севилја.
Жорди Алба сепак се покажа како добар домаќин и како еден од капитените на Барселона јасно стави до знаење дека ја заборавил ситуацијата од пред извесно време, кога инаку доби класичен нокаут од Кунде.
Французинот како играч на Севилја максимално избувна на крајот на декември минатата година и жестоко го удри Алба со топка во главата.
Кунде тогаш заработи директен црвен картон, а судбината посака осум месеци подоцна да биде соиграч на човекот кој во дадената ситуација му беше голем ривал и непријател.