Во Лисабон се одигра лудо дерби во кое до крајот не се знаеше победникот. Градското дерби на двата лисабонски клубови, Бенфика и Спортинг, донесе неверојатни емоции и чудесен пресврт. Иако губеше со 0-1 до судиското надополнување, португалскиот шампион се надмина себеси, постигна два гола и стигна до победа од 2-1.

Во последните мигови од првиот дел, по акцијата на Едвардс, на вистинското место се најде Гјокерес и ја погоди мрежата на Трубин (0-1). Целото второ полувреме помина во знакот на „орлите“, а притисокот стана уште поголем, кога најценетиот дефанзивец во „зелено-белиот“ дрес на Спортинг, Инасио, заработи два жолти картони и беше исклучен.

По серија шанси на фудбалерите на Роџер Шмит, во судиското надополнување се случи чудо. Се играше 94. минута, кога и голманот Трубин се пресели во казнениот простор на Спортинг. Гостинската одбрана не беше најсигурна, топката на 6-7 метри од голот стигна до Невес, кој од непосредна близина го совлада ветеранот Адан.

„Зелено-белите“ не се ни созедоа, а во седмата минута од надополнувањето Тенгштед постигна гол за 2-1. Најнапред судиите го поништија голот заради офсајд, но од ВАР-собата стигна „зелено светло“ и домашните фанови почнаа да ја прославуваат победата во големото дерби.

 

Со овој триумф Бенфика се израмни со Спортинг на врвот на табелата со 28 бода, три повеќе од Порто.