Новак Ѓоковиќ имаше успешен старт на завршниот турнир во Торино каде по голема борба успеа да слави над Холгер Руне со 2-1 во сетови.
Србинот мораше добро да се испоти, да го даде максумумот против данскиот тенисер Руне кој одигра квалитетен меч, но и оваа игра не беше доволна за да се изненади фаворитот. Овој триумф воедно значеше официјализирање на веста дека Ѓоковиќ како број еден ја завршува оваа година, поточно по рекорден осми пат во кариерата тој завршува календарска година на врвот на АТП листата.
-Ова многу ми значи. Видовте дека имам многу емоции на теренот. Сам си направив притисок за да морам да победам. Го освоив Париз, што ме стави во подобра позиција и знаев дека ми треба една победа. Мило ми е што успеав и си олеснив. Се понатаму што ќе дојде е бонус. Ја исполнив мојата цел, -порача Новак кој ќе стане првиот играч во историјата кој ќе остане на водечката позиција повеќе од 400 недели.