Новак Ѓоковиќ по тешка битка е победник на турнирот во Аделаида. Српскиот тенисер со пресврт го совлада Себастијан Корда со 2-1 по сетови (6-7, 7-6, 6-4). За Ноле ова е прв трофеј оваа сезона, прв во 2023 година и сигурно ќе му даде дополнителен мотив пред настапот на Австралијан Опен.
Два сета беа решени по тај-брејк. Новак првиот го загуби, по што фати ритам и дојде до победа.
Првиот сет најави интересно финале, се чекаше еден од тенисерите да направи грешка на свој сервис. Прво тоа го направи Ѓоковиќ при 4-4, по што противникот искористи и поведе со 4-5, но истото му се случи на Корда, па првиот сет мораше да се решава во тај-брејк. Ѓоковиќ при 8-8 не успеа да го искористи својот сервис, следеше казна и Корда го доби првиот сет 6-7 (8-10).
На крајот на овој сет Ноле од непознати причини го избрка својот брат од ложата. Прво не беше јасно што сака да каже, но камерите го фатија моментот, па неговиот брат мораше да го послуша и си замина.
И вториот сет беше речиси иста слика, се водеше изедначена битка. Истиот се решаваше во тај-брејк (6-6) српскиот тенисер не ја повтори истата грешка, влезе доминантно, искористи два изгубени сервиси на Корда и поведе со 6-1, доволно за да го освои сетот и да израмни на 1-1 (7-3).
Одлучувачкиот трет сет, почна со водство на Ѓоковиќ од 2-1, но противникот брзо израмни. Се чинеше дека ова ќе биде уште еден сет кој ќе биде решен после тај-брејк, но Ноле при 4-4 го казни Корда, кој загуби на свој сервис за голема победа.