Лука Дончиќ одново беше незапирлив, откако со 34 поени и по десет скока и асистенции беше најзаслужен за триумфот на Далас маверикс во пресметката со Њу Орлеанс пеликанс (127-117).

Ова беше деветти трипл-дабл ефект за Словенецот во НБА-лигата (55. во кариерата), кој го „плати“ со повреда, поради која ќе мора извесен период да паузира. На „телињата“ им беше олеснета работата на патот кон 23. победа во 40. меч сезонава бидејќи противникот играше без тројцата најдобри, Зајон Вилијамсон, Брендан Инграм и Си-Џеј Мекалум.

 

Кошаркарите на ЛА Лејкерс го добија калифорниското дерби против Сакраменто (136-134), што беше петта по ред победа за „езерџиите“ , со кои полека се приближуваат кон местата кои водат во плејофот. Расел Вестбрук испиша историја, откако средбата како резервист ја заврши со 25 поени, пет скока и 15 асистенции. Тој со ова стана првиот кошаркар во НБА уште од 1970 година кој постигнал најмалку 23 поени со 15 асистенции во ситуација кога средбата ја почнал од клупата. Леброн Џејмс средбата ја заврши со 37 поени, осум скока и седум асистенции, а помогнаа и Том Брајант со 29 поени и 14 скока и Денис Шрудер со 27 поени.

 

Шампионот Голден стејт вориорс претрпе втор пораз во низа, овој пат на домашен терен од Орландо меџик (101-115). Неиграњето на повредениот Стеф Кари се покажува како сериозен проблем, ова беше прв домашен пораз на „воините“ од Орландо во последните десет години, со што паднаа на деветтото место во Западната конференција со скор 20-20.

РЕЗУЛТАТИ: Сан Антонио – Бостон 116-121, Чикаго – Јута 126-118, Далас – Њу Орлеанс 127-117, Голден Стејт – Орландо 101-115, Сакраменто – ЛА Лејкерс 134-136.