Кошаркарите на Далас маверикс, ноќеска, потешко од очекуваното, ја совладаа Оклахома сити тандерс (104-102), што беше деветти триумф за „телињата“ во последните десет натпревари за петто место во Западната конференција со скор 25-19.

Вообичаено, најзаслужен за тоа беше Лука Дончиќ, кој блеска дури и кога не игра добро. Словенецот немаше шутерска вечер, за што говори фактот што погоди само четири од вкупно 17 удари кон противничкиот кош. Тој средбата ја заврши со 20 поени, од кои дури 12 беа од линијата за слободни фрлања, заедно со 11 скока и 12 асистенции, за 41. трипл-дабл ефект во кариерата. Тој сега има повеќе вакви ефекти од сите кошаркари на Далас – заедно.

Дончиќ голема помош имаше од Фини Смит, кој средбата ја заврши со 17 поени и 10 скока, Џејлин Брансон додаде 14, а Порзингис 13 поени. Најефикасен кај гостите и на мечот беше Александер со 34 поени. „Громовите“ за малку ќе направија огромен пресврт, со оглед што домаќинот во еден момент водеше и со 22 поени разлика.