Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ би можел да го пропушти настапот на овогодинешниот Вимблдон.
Причината за таа можност не лежи во некоја повреда или процедура за вакцинација со која се сретна на Австралија опен, туку е од политичка природа.
Имено, според швајцарскиот портал Blick, српскиот тенисер буквално би можел да го бојкотира овој турнир бидејќи руски и белоруски тенисери биле спречени да настапат поради војната во Украина.
За потсетување, Новак неодамна застана во одбрана на своите колеги од овие две земји.
„Кога велам политика, ја има во спортот. Ја има во раководните тела и организации, структурите. Политиката е општ поим. Не е добро кога политиката на повисоко ниво се меша во нашиот спорт. Останувам на тоа што го кажав, нема потреба да се суспендираат спортистите , особено тенисерите. Не гледам како тие придонесуваат за нешто што се случува во војна. Во тенисот имаме правило дека нема дискриминација: Правилото е да се игра според пласман, а не по националност. Вимблдон го прекина тоа. АТП и ПТПА излегоа со изјави и јас го поддржав“, рече Ноле.
Сепак, тешко е да се случи вакво нешто бидејќи Ѓоковиќ ја брани титулата на турнирот кој во досегашната кариера го освои шест пати.