Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) го игра четвртиот натпревар од Лигата на нации во овој јунски циклус, а противник е селекцијата на Гибралтар. Триумфот не треба да биде доведен во прашање, но и за него ќе треба максимално да се потрудат момците на селекторот Благоја Милевски. Посебно што таа победа треба барем малку да ги залечи раните после непријатниот пораз од Грузија (0-3) дома.
„Наша обврска е да бидеме на нивото и да го даваме максимумот. Мора да се стават сите во функција на тимот и да бидат на нивото кое се очекува код нас. Имаме почит кон секој противник, тоа се однесува и за Гибралтар. Ние бевме доминантни на претходните натпревари, но мора да бидеме многу поконкретни во завршната фаза, пред противничкиот гол. Ќе има промени во тимот, со оглед дека се соочуваме со повреди и со настинка кај дел од фудбалерите“, изјави селекторот Благоја Милевски.
Александар Трајковски нема да може да настапи поради повреда, Давид Бабунски е суспендиран за овој меч поради жолти картони, а неизвесен е и Елиф Елмас. Ова сериозно го отежнува изборот на Милевски.
Капитенот Енис Барди потенцира дека атмосферата во националниот тим е на високо ниво и дека сите гледаат напред, по поразот од Грузија.
„Поразот од Грузија е болен, но мора да гледаме напред и да се потрудиме да одиграме квалитетен меч против Гибралтар. Секој противник заслужува респект и ние сме максимално посветени“, порача Енис Барди.
Натпреварот меѓу Македонија и Гибралтар ќе се одигра вечерва, со почеток во 18 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.