Македонскиот првак Струга Трим Лум доживеа болна елиминација од Жалгирис во првото квалификациско коло од Лигата на шампиони. По одличниот резултат и ремито без голови во Литванија, Струга ТЛ на стадионот „Билјанини извори“ загуби со 1-2.
Има за што да жалат стружани, затоа што во 76.минута дојдоа до предност од 1-0, по пеналот што во гол го претвори Бесарт Ибраими. Претходно, во шеснаесетникот на гостите беше соборен Марјан Радески.
Но, како предвреме да мислеа дека дуелот со големиот турски гигант Галатасарај е на повидок и му се израдуваа, па дозволија Жалгирис експресно да даде два гола.
Само две минути по голот на Ибраими, Жалгирис израмни преку Јури Кендиш.
Во 84.минута, дефанзивецот Меџит Незири беше несреќен и ја затресе сопствената мрежа, па Жалгирис од губитничка го сврте овој меч во победничка позиција.
Во првиот дел, за Струга ТЛ се заканија Ибраими и Радески, а Жалгирис имаше свои шанси преку Ојевуси и Антал.
На крајот, сепак, поискусниот тим на Жалгирис оди понатаму и ќе ги одмери силите со Галатасарај во следното квалификациско коло од Лигата на шампионите.