ФИФА ја одби жалбата на Француската фудбалска федерација (ФФФ) за промена на резултатот на натпреварот меѓу Тунис и Франција (1:0) на Светското првенство во Катар.
Французите се жалеа на поништениот гол на Антоан Гризман.
„Дисциплинската комисија на ФИФА ја отфрли жалбата поднесена од Француската фудбалска федерација во врска со натпреварот на Светското првенство меѓу Тунис и Франција одигран на 30 ноември“, се вели во краткото соопштение во кое нема образложение за таквата одлука.
Француската репрезентација, поразена минатата среда на тој натпревар, изрази сомнеж за употребата на ВАР-системот за поништување на голот што Гризман го постигна веднаш пред крајот на натпреварот .
Франција во жалбата поднесена до ФИФА минатата недела рече дека ВАР бил користен „по продолжувањето на играта и по завршувањето на натпреварот“, што е спротивно на протоколот за користење на технологијата.
Промената на конечниот резултат во секој случај нема да промени ништо во поредокот од групата Д бидејќи Тунис секако ќе беше елиминиран, а Франција се пласираше во натпреварот против Полска, која во неделата во осминафиналето ја победи со 3:1.
Според протоколот за употреба на видео асистенција на судии (ВАР), доколку натпреварот се продолжи по прекин, судијата не може да користи ВАР, освен во случај на прекршоци кои се предмет на исклучување, како што се насилничко однесување и употреба на груби или погрдни зборови.