Дисциплинската комисија на ФИФА најави отворање истрага против уругвајската федерација, како и неколку играчи, по инцидентите на натпреварот со Гана.
Во третото коло од групната фаза на натпреварувањето, Уругвај ја победи Гана со 2:0, но поради полоша гол разлика во однос на Јужна Кореја заврши на третото место во групата и испадна од Светското првенство.
Истрагата ќе се фокусира на можни прекршувања на членовите 11 (навредливо однесување и кршење на принципите на фер-плеј), 12 (неправилно однесување на играчите и официјалните лица) и 13 (дискриминација) од страна на уругвајската федерација.
Уругвајските играчи Хозе Хименез, Едисон Кавани, Фернандо Муслера и Диего Годин се предмет на посебна постапка за потенцијални прекршувања на членовите 11 и 12.
Овие играчи бурно реагираа кон судијата на овој меч, по последниот судиски свиреж. На Уругвај му недостигаше еден гол за пласман во финалето.
Германецот Даниел Зајберт, главниот судија на натпреварот, се консултираше со ВАР во 57. минута од натпреварот за потенцијален фаул над Дарвин Нуњез во шеснаесетникот, но не досуди пенал.
По натпреварот играчите го опколија и го навредуваа судијата, а при напуштањето на теренот Кавани удри и го собори екранот што судијата го користи при проверка на ВАР.