Во пеколната „група на смртта“ познат е еден од патниците во осминафинале, а тоа е Борусија Дортмунд која оствари победа со 3-1 против Милан на „Сан Сиро“, додека Њукасл одигра 1-1 против ПСЖ на „Паркот на принцовите“ во петтото коло од групната фаза во Лигата на шампиони.
Оливие Жиру промаши пенал во шестата минута за „росонерите“, а казната стигна неколку минути подоцна кога на спротивната страна Марко Ројс беше прецизен од белата точка. Сепак, Самуел Чуквуезе потоа погоди за 1-1 и ја врати неизвесноста во натпреварот.
Милионерите од Дортмунд напаѓаа во вториот дел па преку Бајно-Гитенс и Адејеми ги поставија конечните 3-1 и се искачи на првото место во групата Ф.
Њукасл може да жали за трите бода во Париз, каде што дојде до водство со голот на Александар Исак во 24. минута по една лоша интервенција на голманот Џанлуиџи Донарума.
ПСЖ напаѓаше во текот на целото второ полувреме и вкупно на натпреварот создаде 29 шанси, а до гол стигна дури во 98. минута кога Килијан Мбапе беше прецизен од пенал.
Дортмунд е прв на табелата со 10 бодови, по што следи ПСЖ со седум, додека Њукасл и Милан имаат по пет бода.
Останати резултати:
Барселона – Порто 2-1
Феенорд – Атлетико Мадрид 1-3
Манчестер сити – Лајпциг 3-2
Јанг бојс – Црвена Звезда 2-0