Холанѓанецот Кинси Мениг е јунакот на Партизан откако во 78-та минута даде гол на асистенција на Саша Здјелар, клучен момент кој на белграѓани им донесе голема победа. Партизан сезонава игра како препороден, па триумфот е награда за сѐ досега сработено и мотив повеќе да се прекине доминацијата на најлутиот ривал Црвена Звезда во српското првенство после четири титули во низа на црвено-белите.
Бајката на Бодо Глимт, малиот норвешки клуб кој „од никаде дојде до шампионска титула“, настап во ЛШ, продаде низа извонредни фудбалери, па на Рома и Жозе Мурињо есеноска им одржа фудбалска лексија со триумфот со 6-1 во групната фаза, сега го разнесе шкотскиот великан Селтик и тоа среде Глазгов.
Бодо славеше со 3-1, а уште на полувреме најави дека е дојден по победа, откако Еспејорд даде гол во 8-та минута, а потоа десет миниути во вториот дел Пелегрино погоди за дуплирање на предноста. Маеда на 11 минути го врати Селтик во мечот, ама радоста и надежта им траеше нецели 120 секунди. Ветлесен погоди за конечни 3-1 по кои норвешкиот клуб сега е со една нога во осминафинале и Селтик ќе треба на гости да направи чудо за да го помине незгодниот клуб, кој игра неверојатно модерен фудбал.