Фудбалската репрезентација на Турција направи огромен исчекор кон пласман на Европско првенство, со триумфот против Хрватска на гости во Осијек со 1-0.
Со тоа Турците делумно се одмаздија за поразот од „коцкестите“ на домашен терен на стартот од квалификациите кога загубија со 0-2. Единствениот гол вечерва го постигна Барис Јилмаз во 30. минута по што домаќините не успеаја да дојдат барем до бод. Во последната минута од основниот дел, на Хрватите им беше досуден пенал, но судијата Ентони Тејлор, по прегледувањето на снимката утврди дека немало игра со рака.
На два натпревара пред крајот на квалификациите, Турција се наоѓа на првото место во групата со 13 бода, три повеќе од Хрватска која има меч помалку. Сепак, своја шанса гледаат и Ерменија и Велс кои имаат по седум бода, а исклучително важен ќе биде дуелот од идното коло меѓу Велс и Хрватска.
Пред пласман на Европското првенство е репрезентацијата на Албанија која на домашен терен ја прегази Чешка со 3-0. Херои на Албанците беа фудбалерите родени во Македонија, скопјанецот Јасир Асани кој го постигна првиот и кумановецот Таулант Сефери, стрелец на следните два гола на натпреварот. Албанија сега има 13 бода, четири повеќе од Полска и пет од Чешка и со победа против Молдавија или Фарски Острови во последните две кола, вторпат во својата историја, по 2016 година, ќе се пласира на Европско првенство.
Од другите групи, Шпанија ѝ го нанесе првиот пораз на Шкотска во овие квалификации, совладувајќи ја со 2-0 и со евентуален триумф в недела на гости во Норвешка, ќе го осигура пласманот на Европското првенство.