Извонредниот Џуд Белингам повторно е херојот на Реал Мадрид во Ел Класико. Откако го реши првото дерби оваа сезона, Англичанецот постигна победнички гол во 91.минута и на „Сантијаго Бернабеу“, за триумф на „кралевите“ од 3-2 и многу веројатно за освојување на трофејот во Ла Лига.
Барселона двапати имаше водство, но на крајот сепак со празни раце ќе си оди од Мадрид.
Кристенсен ја доведе Барса во водство по грешката на Лунин во шестата минута, откако излета во празно по корнерот од десната страна. Дефанзивецот на Барселона со удар со глава ја погоди мрежата на домаќинот.
Винисиус Жуниор израмни од пенал во 18.минута, а претходно Лукас Васкез беше фаулиран од Кубарси во шеснаесетникот на каталонскиот тим.
Во 69.минута, Фермин Лопез донесе нова предност за Барселона (1-2), но Реал Мадрид никогаш не се предава.
Лукас Васкез вечерва беше одличен и успеа да израмни во 73.минута, а потоа и асистираше за победничкиот гол на Џуд Белингам во 91.минута од дуелот.
Сега Реал Мадрид има 11 бода предност на врвот на табелата пред Барселона на шест кола до крајот на шампионатот.