Бобан Илиевски, македонскиот светски и европски првак во кикбокс, ќе биде наш единствен претставник на квалификацискиот турнир за пласман на годинешните Летните олимписки игри во Париз, но во бокс, со оглед што неговиот спорт не е застапен на најмасовниот светски спортски собир.
Тој е единствен претставник на Македонија а ќе има натпреварувачи од целиот свет. Собирот ќе се одржи во италијанскиот град Бусто Арсизио од 3-11 март.
„По освоените европско и светско злато 2023 во кикбокс, се вклучуваме во боксот да обезбедиме пласман за учество на ЛОИ во Париз. Бобан не е дебитант во боксот, има учествувано на неколку професионални мечеви и во сите од нив победи, повеќето со нокаут. Тој настапи и на “Златниот гонг“ во 2016 година. По подолги размислувања,одлучивме комплетното искуство и подготвеност да го насочиме кон ново спортско натпреварување и да се обидеме да обезбедиме норма на Бобан Илиоски во бокс и можност за учество и освојување на олимписки медал во овој спорт”, изјави Дејан Митровски Урко, кој е тренер на Илиоски.
Најдобриот светски и европски кикбоксер во изминативе две години на боксерскиот турнир во Италија ќе настапи во категоријата до 92 килограми. Првиот противник ќе го дознае на утрешната ждрепка.