Вардар го дочека натпреварот како последен тим на табелата, но пресметките со Шкупи секогаш привлекуваат големо внимание. На Арената „Тодор Проески“ во првиот натпревар на Гоце Седлоски се радуваа црвено-црните во ефикасен натпревар со 3-2, а херој беше Горан Закариќ кој одигра одличен натпревар.

 Шкупи влезе како фаворит во дуелот и дојде во водство со голот на Канда во 10. минута.

 

Екипата на Вардар сепак не се откажа и по половина часа Закариќ со гол од слободен удар донесе израмнување. На пет минути пред крајот на првиот дел по еден нов прекин и асистенција на стрелецот Закариќ, Николовски носи и целосен пресврт. Така вардарци со предност заминаа на паузата.

Во второто полувреме гледавме слична слика на теренот, немаше многу шанси, но се постигнуваа голови. Прво Ибиши донесе израмнување во 76. минута. Само две минути по голот на Шкупи за израмнување, Закариќ ја погоди стативата.

Важна улога одигра Закариќ и при третиот гол кога нафрли по еден слободен удар, а капитенот Мицевски погоди за второ водство и победа на Вардар.

 

За Вардар ова беше важен триумф со кој го напушти дното на табелата.и сега е претпоследен со 11 бода, еден повеќе од Тиквеш.

Шампионот Струга Трим Лум му го нанесе првиот пораз на Работнички оваа сезона, победувајќи со 1-0 и симнувајќи го од врвот на табелата. Победничкиот гол за стружани го постигна напаѓачот Ланре Кехинде во 34. минута.

Шкендија оствари победа од 4-3 во возбудлив натпревар против струмичка АП Брера. Шала го отвори резултатот, а Флорент Рамадани зголеми на 2-0 во 28. минута. Брера се врати во игра со гол на Марјан Ристовски во 44. минута, а Ѓорѓе Ивковиќ израмни во 51. минута. Фитон Адеми ја врати предноста на Шкендија во 53. минута, а Ване Крстевски постигна четврти гол за тимот. Брера успеа да постигне и трет погодок, но не и да избегне пораз.

Гостивар ја совлада Воска Спорт со убедливи 4-0 со головите на Алдаир, Диата и Марко Симоновски кој беше двоен стрелец.

Силекс славеше со 1-0 против Пелистер со голот на Дарко Додев во 12.минута.

Тиквеш и Беса одиграа нерешено без голови.